10 алатки за една цел

Да се зајакнат кариерните советници за поддршка на младите со потешкотии во учењето. 

Погоренаведеното е своевидна заложба на проектот Skill Compass кој го спроведуваат Креативна куќа во соработка со Здружение за дислексија Ајнштајн и партнери од Бугарија, Чешка и Србија. За да се постигне истото во рамки на проектните активности се креираа и претставија 10 алатки кои ќе послужат на едукаторите, од една страна, и на лицата со дислексија или друг вид на потешкотии во учењето.

Алатките се претставуваат преку 5 вебинари и повратната информација од учесниците/учесничките потврдува дека алатките се корисни и можат да ја олеснат работата на стручните лица додека им помагаат на лицата со потешкотии.

Десетте алатки опфаќаат неколку аспекти. Најпрво, го насочуваат корисникот кон разбирање на дислексијата и останатите потешкотии во учењето. Дигиталната скрининг алатка за дислексија помага на професионалците, но и на младите, да ја разберат оваа состојба. Потоа, алатките ги „разбиваат“ предрасудите за луѓето со вакви потешкотии. Пример за тоа е брошурата „Разбивање на стигмата“ која содржи пишани приказни за невроразлични млади. 

Останатите алатки претставуваат конкретни насоки за едукаторите за да се подготват и дадат соодветна поддршка на младите со дислексија, дискалкулија, АДХД и др. Исто така, алатките се од корист и на младите со потешкотии во учењето, но и на нивните врсници кои сакаат да се запознаат со ваквите разлики. Конечно, неколку од алатките служат за директно да им помогнат на младите во нивното кариерно ориентирање, поттикнување на својата мотивација и препознавање на силните страни.

Наведените 10 алатки се еден сеопфатен пристап за разбирање и поддршка на луѓето со разлики во учењето. Погоре опишаното зборува за една платформа која нуди се’ што е потребно на едукаторите и кариерните советници. Платформата служи и на младите, но и сите возрасни групи, со разлики во учењето благодарение на својата визуелна пристапност и интерактивност, затоа што еден дел од материјалите можат да се користат самостојно.

На вебинарите за претставување на алатките учество, генерално, зедоа наставници и кариерни советници, а се вклучи и помал број на млади луѓе. Повратните информации после секој вебинар говорат дека алатките ја остваруваат определената цел и ги исполнуваат очекуваните резултати. Наставниците и кариерните советници го зголемија својот интерес за себезајакнување во работата со ваков тип на ученици и млади и потврдија дека алатките ќе бидат од нивна корист. 

Креираните алатки остануваат долгоречен ресурс на професионалци и млади, а со тоа се потврдува одржливоста на проектот.

Еразмус+ проектот Skill Compass: Empowering Youth with Learning Differences through Inclusive Career Guidance Tools  го спроведуваат Здружение за дислексија Ајнштајн заедно со Креативна Куќа / Creative House и партнери од Србија, Бугарија и Чешка.

Similar Posts