Свесноста за потребите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со потешкотии во учењето постојано расте, а проектот Skill Compass постави цврста основа за понатамошна работа и поддршка во оваа област.
Преку презентацијата на 10 дигитални алатки наменети за лица со потешкотии во учењето, стана јасно дека постои потреба од посериозен и посистематски пристап во креирањето ресурси кои ќе придонесат за нивна поголема инклузија. Активностите на проектот веќе придонесуваат кон подигнување на свеста и отворање на важни разговори за овие состојби.
Во рамки на проектот „Skill Compass – Empowering Youth with Learning Differences through Career Guidance Tools“, беа реализирани пет вебинари на кои беа претставени 10 алатки за поддршка на младите со потешкотии во учењето, како и на нивните наставници, кариерни советници и младински работници. Алатките опфаќаат теми поврзани со разбирање на дислексијата и другите состојби, кариерно советување, како и конкретни стратегии и пристапи за професионална ориентација.
Какви беа впечатоците на учесниците?
Повратните информации беа исклучително позитивни и укажаа на потребата од уште поинтензивна работа во ова поле, како во институциите, така и во пошироката јавност. Од добиените коментари може да се заклучи дека проектот успешно поттикна процес на подигнување на свеста, но истовремено постави и солидна основа за понатамошна работа со лица со различни потешкотии во учењето.
Учесниците истакнаа дека е особено важно вниманието кон овие состојби да започне уште од најрана возраст, паралелно со надминување на стигмата и предрасудите што сè уште постојат. Воедно, видео-серијалот „What if…?“ покажува дека дислексијата, дискалкулијата, АДХД и другите состојби ги придружуваат луѓето во различни животни периоди – од детството, па сè до повозрасната доба. Затоа, кога зборуваме за овие состојби, зборуваме за луѓе од различни генерации и животни искуства.
Сето ова уште еднаш потврдува дека Skill Compass создаде цврста основа за понатамошна работа на едукаторите, наставниците, кариерните советници и младинските работници. Проектот веќе ги остварува очекуваните резултати, но за да се постигнат пошироки и долгорочни промени, потребно е вклучување и активен придонес од сите засегнати страни.
Достапните ресурси претставуваат значајна поддршка за професионалците кои работат со млади луѓе што се соочуваат со дислексија, АДХД, дискалкулија, диспраксија и дисграфија. Тие не само што им помагаат на наставниците и советниците во нивната работа, туку им овозможуваат и на самите корисници полесно да го препознаат својот потенцијал, да ги развијат своите вештини и да го планираат својот кариерен пат.
Проектот Skill Compass продолжува со своите активности. Партнерите – Creative House, Dyslexia Association Einstein, како и организациите BULAIR 10A од Бугарија, Udruženje Građana BUM од Србија и Mission: Reconnect од Чешка – продолжуваат да развиваат нови активности и ресурси со цел да обезбедат уште поголема поддршка за кариерните советници, наставниците, младинските работници и младите лица со потешкотии во учењето.
Оригиналниот текст е објавен на EPALE
